Коцевски: Истрагата против Палевски е при крај, има докази против него

Истрагата против Љупчо Палевски Палчо, осомничен дека е организатор на грабнувањата и извршител на убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски е при крај. Најдоцна наредниот месец ќе има обвинителен акт, изјави денеска државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Тој изјави и дека има докази против Палевски.

-Најверојатно до крајот на месецов или почеток на другиот, според информациите кои што ги имам, постапката е при крај и преземени се сите процесни дејства што треба да се преземат. Законот дозволува спојување на постапките и нема никаков проблем со оглед дека се работи за ист кривично правен настан и набрзо ќе има обвинение и за него. Постапките ќе се спојат и ќе се води една и единствена постапка за сите обвинети, изјави Коцевски.

Првото рочиште против обвинетите како соучесници во двојното убиство треба да почне на 30 јули. На обвинителна клупа ќе седнат Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов кои се товарат дека биле соизвршители во грабнувањата и убиствата. Тие сведочеа дела Палевски е извршител на убиствата. Обвинет е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, дека помогнал во грабнувањето на неговата ќерка.

Истрагата против Палевски почна во мај откако беше екстрадиран од Турција.

Според обвинението, целта на грабнувањето на 14-годишното девојче била да присилат член на потесното семејство на Вања да даде парични средства за откуп.

Претходна вестКратко невреме со силен ветер во Скопје
Следна вестПретпладне сончево и многу топло, попладне услови за локално невреме