Едно злато, две бронзи и три пофалници за Македонија на Интернационалната математичка олимпијада

Македонската екипа се закити со еден златен медал, два бронзени медала и три пофалници на Светскиот математички натпревар, 65. Интернационална математичка олимпијада (ИМО 2024), која годинава се одржува во Бат, Велика Британија, во периодот 11-22 јули.

Вкупно 609 млади умови од целиот свет се натпреваруваа во решавање шест математички проблеми во текот на два натпреварувачки дена.

Ова е исклучителен успех за нашата земја, која во конкуренција на 109 држави екипно се пласира на 28. место (според освоени одличија) односно, на 46. место (според освоени поени). Еве ги имињата и постигнувањата на овогодишните македонски олимпијци:

  • ДАМЈАН ДАВКОВ (златен медал; 31 поен)
  • ЛЕОНИД ТОДОРОСКИ (бронзен медал; 21 поен)
  • АЛЕКСИЈ ТАСИЌ (бронзен медал; 16 поени)
  • БРАНКО ЈАНГЕЛОВСКИ (пофалница; 14 поени)
  • ИВАНО БОЖИНОВСКИ (пофалница; 13 поени)
  • НИКОЛА ЦВЕТАНОСКИ (пофалница; 12 поени)

Ова е само второ македонско злато на ИМО во досегашните 32 учества на Македонија како независна држава. Штипјанецот Дамјан Давков, со освоениот златен медал, втора година по ред се вбројува во светската математичка елита. Ова 16-годишно момче е несомнено најуспешниот македонски олимпиец на сите времиња – во досегашните пет учества има освоено два златни медала, два сребрени медала и една пофалница – и цврсто чекори кон тоа да постане еден од најуспешните олимпијци во историјата на ова престижно светско натпреварување.

-Најискрени честитки за целата македонска екипа на ИМО 2024. Успехот на овие шест златни деца е успех за целата татковина. Им посакуваме уште многу идни академски достигнувања, пишува во соопштението на Сојузот на математичарите.

Претходна вестПовторно долги колони на најфрекфентните гранични премини
Следна вестСДСМ: Скапи карти и бизнис класи, Мицкоски и министрите душмански ги трошат народните пари