Агенција Рејтинг: ВМРО-ДПМНЕ води политичка хајка против приватна компанија

Секојдневните прес-конференции и соопштенија на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, со кои се оцрнува агенцијата без никаква основа, се срамен и недозволив чин за политичка хајка врз приватна компанија, соопшти денеска агенција Рејтинг. Таа регира на обвинувањата против неа кои се упатуваат од прес-конференциите на оваа политичка партија.

-Агенција Рејтинг во своето петнаесет годишно искуство, има соработувано на проекти со политички партии и институции, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ. Сите проекти кои ги има реализирано се спроведени на професионален начин во целосно транспарентни постапки. Оттука, оваа хајка за нас е неразбирлива и недозволива, за што правниот тим на компанијата ќе ги преземе сите правни дејствија да го заштити сопствениот углед. Во соопштенијата и прес-конференциите се изнесени лаги и неточни информации за компаниите во сопственост на извршниот директор на Агенција Рејтинг, Никола Спасов, се наведува во реакцијата.

Се додава дека сакајќи намерно да го оцрни личниот углед на Спасов, ВМРО-ДПМНЕ пласира дезинформации за компанијата Гама Солар, каде Спасов има малцинско учество во капиталот на компанијата, а не доминантна сопственост.

-Компанијата Гама Солар, преку кредитирање на инвестицијата вложува во приватниот сектор, како и секоја друга компанија, а ваквото оцрнување нанесува штети и по угледот на останатите сопственици. Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ лаже дека по експресни постапки се добиени дозволи, нешто што беше демантирано од Агенцијата за енергетика во чија надлежност е издавањето на лиценци. ВМРО-ДПМНЕ на крајно перфиден начин, со лаги и манипулации, се обидува да создаде впечаток дека агенцијата и директорот Спасов се стекнале со некаков милионски имот или бизнис на нелегален начин, што е бесрамна лага и манипулација. Ниту агенцијата, ниту сопственикот Спасов, не располагаат со милионски бизнис, а сите приходи и работењето на агенцијата е целосно согласно законот, се наведува во соопштението.

Агенција Рејтинг бара од сите релевантни институции, да реагираат на оваа очигледно организиран медиумски прогон на ВМРО-ДПМНЕ кон приватна компанија и сопственикот Спасов.

 

 

Претходна вестЕксплозивна направа пронајдена во напуштена куќа во Велес
Следна вестПлатата на премиерот Мицкоски е 2.280 евра, министрите добиваат по 1.870 евра…