Осум рачни часовници во вредност од над 240 илјади денари заплениле царинските службеници на меѓународниот аеродром „Скопје“.
Часовниците, како што информираат од Царинската управа, биле откриени кај македонски државјанин кој во Скопје слетал со лет од Австралија.
Патникот, додаваат од Царина, кога слетал се определил да помине на зелен канал, каде што поминуваат патниците што немаат ништо за пријавување.
-На прашањето дали има нешто да пријави патникот одговорил дека нема ништо. Но, при царинска контрола во багажот на патникот биле пронајдени непријавените часовници: еден рачен часовник „радо“ и седум „елите“ рачни часовници, се додава во соопштението од Царинската управа.
Против патникот, додаваат од Царина, поднесена е прекршочна пријава за непочитување на царинската регулатива.