Дванаесет лица, меѓу кои и деца, се убиени во саботата во ракетен напад врз фудбалско игралиште во село на заедницата Друзи воокупираната од Израел Голанска висорамнина, соопштија израелските власти, обвинувајќи ја за нападот либанското шиитско движење Хезболах.
Ракетен напад од Либан врз Мајдал Шамс, исто така, ранил 13 лица, според Маген Давид Адом, еквивалент на Црвениот крст на Израел. Претходно беше соопштено дека се ранети 34 лица. Мајдал Шамс се наоѓа на границата со северен Израел и јужен Либан и се граничи со Јордан.
-Видовме големо уништување кога стигнавме на фудбалското игралиште, местото гореше. Имаше тела што лежеа на тревата, а сцената беше ужасна, изјави болничарот Идан Авшалом.
Некои медиуми пишуваат дека сите жртви се на возраст од 10 до 20 години.
Израелските војска соопшти дека подготвуваат одговор на ракетниот напад, најсмртоносниот на Голанската висорамниа од почетокот на војната во Газа.
Ракетниот напад се случи откако либански безбедносен извор објави дека четворица борци биле убиени во израелски напад врз воен објект на Хезболах во Кфаркил, во јужен Либан. Оттогаш, над 30 ракети се истрелани врз Израел од Либан. Два извори блиски до безбедносни извори во Либан тврдат дека четворицата убиени се членови на различни вооружени групации, а најмалку еден бил всушност член на Хезболах.
Хезболах, сепак, ја негира одговорноста за нападот и тврди дека нема „апсолутно никаква врска со тоа“ и дека „категорично ги отфрла лажните обвинувања“.
Хезболах и Израел разменуваат оган по нападот на Хамас на 7 октомври врз јужниот дел на Израел што ја предизвика војната во Појасот Газа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави дека Хезболах ќе плати „висока цена“ по ракетниот напад.