Пожарот што вчера изби во атарот на пехчевското село Негрево е исклучително силен и тежок за гаснење, изјави денеска директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Според него, зафатена е квалитетна борова шума, а запалени шишарки летаат и по 20 до 30 метри и создаваат нови жаришта.
Од пожарната во Струмица известија дека денес испратиле едно ПП возило со пожарникари кои треба да помогнат во гаснењето на огнот кој се заканува да ги фати првите куќи.
Кризниот штаб на општина Пехчево утрово испрати апел до сите граѓани кои сакаат да помогнат во справување со пожарите, тоа да не го прават самоиницијативно.
-Сите доброволци ги замолуваме да дојдат на збирното место кое е на плоштадот во Пехчево. Само така организирано ќе се оди кон пожарот, стои во пораката, објавена од страна на градоначалникот.
Оттаму додаваат дека пунктот за донирање на храна и вода е во просториите на Домот на културата во Пехчево и истиот е отворен во 7 часот.
Се апелира водата од водоводот во Пехчево да не се користи за пиење, а никако за наводнување на градините, бидејќи се празнат резервоарите на филтерстаницата, а водата е потребна за гасење на пожарот.
Од ЈКП „Комуналец“ Пехчево известија дека граѓаните кои имаат потреба од вода за пиење може да наполнат од цистерните поставени во центарот на Пехчево.