Филков: Нема да има десеткратно зголемување на нотарската тарифа

Поништена ќе биде одлуката на претходниот министер Кренар Лога за десеткратно зголемување на нотарската тарифа од 1 септември, најави денеска новиот министер за правда Игор Филков.

Филков посочи дека оваа одлука била нетранспарентно донесена, без дебата и без за тоа да биде известена јавноста.

-Ова нема да се случи, затоа ќе ги повлечам измените за новата тарифа, вака не смее да се работи. Не смее народот да плаќа нешто 10 пати повеќе, не смее да се носат одлуки без широка дебата и да ги слушнеме сите засегнати страни, изјави Филков.

Министерот за правда додаде дека набрзо ќе ги слушне и мислењето на нотарите, а за тоа е потребна и анализа од Парламентарниот институт за потребите за поскапување на нотарските услуги.

Поранешниот министер за правда, десет дена пред да ја напушти функцијата ги покачил нотарските тарифи за два до десет пати. Оваа одлука била објавена во Службен весник на 12 јуни, но ниту Владата, ниту Министерството не објавија официјално соопштение.

Дополнително, министерот Филков соопшти дека потпишал барање за две екстрадиции за осудените за „Монструм“ – Алил Демири и Африм Исмаиловиќ. Овие барања се доставени до косовското Министерство за правда и се чека одговор.

Ова ќе биде трето барање за екстрадиција за овие двајца осудени за петкратното убиство на Смилковското езеро во 2012 година.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Кој од СДС ја излизга Кузеска да шири дезинформации, синот на Иванов и сопругата на Илевски не се назначени за надзор во МЕПСО
Следна вестАхмети – Мејдани: Албанците се потценуваат, војводата ни врти грб…