Нашата политика не е богати и среќни неколкумина политичари коишто се богатат на грбот на работниците. Нашата политика е да имаме среќни работници, а изморени, измачени политичари коишто работат за интересот на работниците. Покачувањето на минималната плата е регулирано со закон. Јас жалам за обидите на дел од раководството на синдикалните организации да бидат политичари или, пак, слуги на опозициски политичари или опозициски партии, а не да работат во интересот на работниците, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски при престојот во Кавадарци.
Тој додаде дека смета оти интересот на работниците е да има работа, а не да нема работа и дека е подготвен да седне и да разговар со синдикалните лидери.
– А октроирани со фалсификувани документи лидери на синдикални организации коишто се политички инструмент на опозициски партии, коишто се сликаа најчесто пред 1 Мај, а ништо не испорачуваа за работниците жалам, можам да изразам жалење што тие дозволиле да бидат вклучени во еден таков процес, и ги замолувам во името на позицијата која што ја држат таква каква што ја држат, на начин како што ја држат, да внимаваат затоа што ние сме нивен партнер, на работниците. Сакаме да имаме среќни и богати работници, изјави тој.
Претходно, денеска претседателот на Сојуз на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов изјави дека очекуваат усогласување на платите од септември оваа година и дополнително зголемување на платите идната година.
-Платите во јавниот сектор наредните четири години ќе растат по 15 отсто годишно и новата влада треба да предвиди пари во буџетот, да немаат изговори, ние работниците сме изморени од слушањето изговори, рече Трендафилов.