Косовскиот премиер Албин Курти денеска ќе престојува во работна посета на Македонија – информација што ја потврдија од двете влади во Скопје и Приштина.
Портпаролот на косовската Влада, Перпарим Криезиу за косовските медиуми изјавил дека Курти во Скопје ќе има билатерална средба со премиерот, Христијан Мицкоски, со кого ќе разговараат за билатералните односи, регионалната соработка и инфраструктурните проекти од интерес на Приштина и Скопје.
Реализацијата на оваа посета била договорена на 20 јули.
На средбата ќе присуствуваат и членови на македонската влада од редовите на коалицијата „Вреди“. Во делегацијата со косовскиот премиер доаѓа и министерката за надворешни Доника Гервала преку која Косово завчера испрати протестна нота до Македонија поради инцидентот што се случи на скопскиот аеродром со претседателката на Косово, Вјоса Османи.
МНР веќе соопшти дека институциите работат на случајот и наскоро ќе има разрешница.
Од македонската Влада соопштија дека во рамки на посетата од 10:00 до 10:30 часот предвидена е тет-а-тет средба помеѓу премиерите Мицкоски и Курти.
-Воедно, во 11:00 часот ќе се одржи билатерална средба каде што покрај премиерите ќе присуствуваат и владини делегации од двете страни.
Потоа, предвидена е заедничка прес конференција на премиерите Мицкоски и Курти во Медија центарот на Владата, стои во соопштението од „Илинденска бр.2“.