„Скопје е валкан и неисчистен град“, „Депонија на секој чекор“, „Се задушивме во сметот“… Сето ова деновиве, но и со години наназад, се слуша кога ќе се спомне јавната хигиена во градот. Не треба многу за да секој се увери во тоа. Доволно е да се прошета макар и по најтесното централно подрачје на градот за да тоа и се види. Пракитчно, нема дел од градот, нема улица, јавен простор на кој нема да се најдат отпадоци и за кој може да се каже дека е чисто.
Зошто е тоа така? Првиот одговор секогаш води кон тоа дека надлежните комунални служби не се ја завршиле својата работа, дека не исчистиле, дека не ја вршат својата работа за која им се плаќа од градските и општинските каси. Критиките на нивна сметка во многу нешта се оправдани оти често се гледа како и кога чистат тоа го прават недоволно темелно, оставајќи пак зад себе несобрани отпадоци.
Но, основниот одговор е во тоа што валканиците во градот некој ги создава. Бројните отпадоци, како овие кои ги утринава ги снимивме покрај клупите кај ТЦ „Бисер“ во Аеродром, сепак некој ги создава, некој ги фрла не водејќи сметка за хигиената. Таква слика и така создадено ѓубре може да се најде насекаде по градот.
А тие некои се, сепак, граѓани на Скопје, оние кои би требало намногу да се грижат за хигиената во градот и кои не би требале да бидат извор на неговото валкање. За жал, такви граѓани кои речиси секојдневно го загадуваат градот има многу и прашање е дали некоја комунална служба може да исчисти еден град кој така безмилосно се загадува? Сигурно дека не може и се чини дека е крајно време да кога се збори за тоа дека Скопје е валкан град да се почне од самиот извор, од оние кои го загадуваат и кои во тоа треба да се спречуваат, да се одвикуваат и да се убедат дека градот ќе стане чист тогаш кога никој нема да го загадува на начин како што тоа сега безмилосно се прави.