Со тешки телесни повреди се здобило едно лице во сообраќајна незгода што се случила синоќа во Велес, соопшти полицијата.
МВР информира дека синоќа во 22:45 часот било пријавено дека на ул.„Вардарска“, односно на мостот кај Градскиот базен возило „Хјундаи гец“ управувано од К.Ќ.(53) од Велес, излетало надвор од коловозот, односно паднало на шините од пругата.
-Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот К.Ќ., констатирани во Општа болница Велес. За настанот бил известен јавен обвинител, а увид извршила увидна екипа од СВР Велес, соопшти велешката полиција.
Марина Андова портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес, повредениот во Ургентниот центар на болницата бил донесен во 23:30 часот и веднаш бил однесен на радиодијагностика, а му била направена компјутерска томографија на целото тело.
-Констатирани се контузиони повреди на глава и гради, фрактура на пршленски тела на кичма и сериска фрактура на ребра. Поради тежината на повредите пациентот утрово со возило е однесен на понатамошно лекување во скопските клиники „Мајка Тереза“, појасни Андова.