ЗНАМ: „Вреди“ се однесува како ДУИ, а Меџити како Ахмети

„Вреди“ се обидуваат да ги копираат ДУИ и продолжуваат по истиот терк, демонстрирајќи моќ од позиција на власт преку прекршување на законите и Уставот на Македонија, соопшти денеска Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

Ова Движење, кое е дел од владината коалиција, во соопштението укажува дека треба да престане наративот од коалицијата „Вреди“ дека Македонија е бинационална држава во која живеат две мнозинства и повеќе малцинства, како и тенденцијата на креирање на паралелни квази институции. Оттаму наведуваат дека секогаш ќе ги потсетуваат коалиционите партнери во владата дека Македонија е држава на македонскиот народ и сите граѓани од етничките заедници што живеат во неа, врз рамноправна основа со еднакви права и обврски кон државата. Од ЗНАМ му порачаа на вицепремиерот Изет Меџити да претстане да го копира Али Ахмети.

-Во целост го разбираме однесувањето на колегите од Вреди кога е во прашање спроведувањето на законите во Македонија. Понесени од досегашното самовластие на функционерите на ДУИ во институциите на македонската држава, овозможени од вазалската и неспособна власт на СДСМ,  а исто така и во периодот на владеењето на владата на Груевски, со што создадоа слика за ДУИ дека се незаменливи и можат се’. „Вреди“ се обидуваат да ги копираат ДУИ и продолжуваат по истиот терк, демонстрирајќи моќ од позиција на власт преку прекршување на законите и Уставот на Македонија.

Се додава дека во јавниот настап на потпретседателот на Владата Изет Меџити и неговата изјава со квалификации дека Движењето ЗНАМ-За наша Македонија е националистичка партија, која има антиалбанска доктрина се смета како обид за спинување и манипулација со цел избегнување одговорност за спроведување на законите.

-Господинот Меџити предолг период беше во редовите на ДУИ, време е да излезе од таа матрица.  Очигледно е дека идол му е Али Ахмети, наша препорака е да си остане само Изет. Истакнувањето на знамињата на етничките заедници е уредено со закон и никој не е над законот вклучувајќи го и вицепремиерот Меџити, или пак за него е навредливо државното, македонското знаме да биде со поголема големина од останатите иако е пропишано со закон?!, наведуваат од ЗНАМ.

Претходна вестТешко повреден параглајдерист од Украина, паднал кај прилепското село Мажучиште
Следна вестПакетоматите на Тотал Пост наскоро во функција на граѓаните