Електронско водење на целокупната медицинска документација, запазување на начинот на упатување на пациентите во здравствениот систем и инклузивен процес за проширувањето на Позитивната листа на лекови се приоритетните реформи што Лекарската комора ги истакна на првата средба со новиот министер за здравство д-р Арбен Таравари, што се одржа денес во просториите на Комората.
-Сметаме дека е исклучително важно да се направи поедноставување на процедурите за водењето на медицинската документација на сите нивоа. Тоа лесно може да се примени со системот на електронско здравство што веќе го имаме. Во таа насока истакнуваме барање за укинување на хартиениот картон, односно матичните лекари да водат само електронски картон, како и укинување на праксата да се печатат упатите, специјалистичките мислења и другите документи што ги креираме во „Мој термин“ при прегледот на пациентот. Сега се случува без реална потреба да печатиме и по пет документи за еден пациент, што веќе ги има во „Мој термин“. Со оваа реформа лекарите ќе се ослободат од непотребната административна работа и повеќе време ќе посветат на пациентите кои се нивниот најважен фокус, истакна проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседателка на Лекарска комора.
На средбата исто така се дискутираше и за други теми од секојдневната докторска пракса, меѓу кои и вработувањето на специјализантите и задржување на младите доктори во земјава, што е многу важно за надоместување на кадарот кој си заминува од јавното здравство. Претставниците на Комората истакнаа дека специјализациите треба да се доделуваат согласно систематизациите на здравствени установи и реалните потреби што постојат, бидејќи така се штити здравствениот систем и се гарантира достапност на здравствените услуги.
-Треба да се обезбеди и рамномерно распределување на расположливиот кадар на територијата на целата држава, а целиот процес треба да се гледа низ призмата на општествениот интерес. Беше истакната и потребата за поедноставување на процедурите за вработување на лекари, за поставување на телемедицината на стабилен основ како и за неопходноста од воведување на електронски интергиран здравствен систем, соопшти Комората.