Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е подготвен за секое решение за проблемите во главниот град, но доколку нема прогрес, рече, „тогаш ќе мора да одиме радикално и инвазивно“. Прашан за коментар во врска со вчерашниот предлог од Град Скопје кој понуди да учествува и формира посебно работно и координативно тело со Владата за решавање на проблемите во Скопје, Мицкоски одговори дека прифаќа сѐ што е во интерес на скопјани. Затоа што, рече, „градот мора да функционира нормално“, посочувајќи дека претстои и почеток на нова учебна година и граѓаните веќе се враќаат од годишните одмори.
-Сѐ што е потребно ќе направам, и ќе се сретнам, и ќе формираме тим, сѐ што е потребно во интерес на скопјани, само проблемот да се реши. Не може вака, ние сега функционираме во ненормални услови, кои не личат на главен град на земја која е дел од НАТО и кандидат за членство во Европската Унија. За секое решение сум подготвен и доколку гледаме дека нема прогрес, тогаш мора да одиме радикално или, да се изразам со докторски речник – да не влегуваме ептен инвазивно во прикаската, па и во здравото да влеземе. Да се обидеме да го санираме тоа што може да се санира со разговор, со политика, со дипломатија. Доколку видиме дека тука нема прогрес, тогаш ќе мора инвазивно да влеземе во решавање на проблемот, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Клиника за дигестивна хирургија.
Град Скопје вчера во допис до медиумите информираше дека е „подготвен да учествува и формира посебно работно и координативно тело со Владата, со единствена цел – граѓаните да добијат град каков што заедно, градоначалничката Арсовска и премиерот Мицкоски, ветија во 2021 година“.