Темелно ќе се реконструира Музејот на Македонија

Изработен е проект за темелна реконструкција на Музејот на Македонија, а во тек е постапката за добивање на одобрение за градба, со што веднаш би почнала реконструкцијата на покривот, а за темелна реконструкција на другиот дел од објектот ќе следува тендер во следниот период, најави денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Тој денеска го посети Музејот и оствари средба со в. д. директорот Борче Топуковски. Последна интервенција на овој музејски комплекс е направена во 2010 година.

-Министерството за култура и туризам веќе е во постапка за добивање на одобрение за градба, со што веднаш би почнала реконструкцијата на покривот во овој момент, за што имаме обезбедено и средства. За темелна реконструкција на другиот дел од објектот, во следниот период ќе следува тендер со повеќе годишна јавна набавка. Музејот на Македонија е најстар и најголем во Македонија, кој што го собира, го чува, го проучува и го презентира нашето културно наследство. Музејот е навистина во многу лоша очајна состојба, а тоа покажува низ годините наназад каков третман имаме кон културното наследство и дека иако многу се ветувало во последните години, всушност ништо не се направило за да се подобри состојбата на најстариот Музеј во Македонија, рече Љутков.

Тој додаде дека во последните три години имало 30 заминувања во пензија, а примено е само едно лице.

-Тоа покажува каков е односот кон нашата култура, традиција, кон нашето културно наследство и односот кон институциите, додаде Љутков.

Претходна вестМинималната кошница стаса до 61.199 денари, за 629 денари повеќе отколку во минатиот месец
Следна вестМотоциклист тешко повреден по судир со патничко возило во Чаир