Денес ја видовме целата неспособност на градоначалничката и точната дијагноза зошто Скопје е во катастрофална состојба, изјави денеска на прес конференција Мартин Стојановски, советник во Советот на Град Скопје.
Владеачката партија реагира на денешните изјави на скопската градоначалничка со кои побара Советот на Скопје да ги донесе потребните одлуки потребни за нормално функционирање на градот.
-И од оваа ситуација Данела Арсовска најде причина да се скара, причина да одбие помош и причина да не сработи она што е нејзина надлежност и одговорност. Според неа сите се виновни само Данела Арсовска е исправна. Максимата модерно Скопје, со Данела Арсовска добива нова смисла, неспособно Скопје. Народот вели на човек можеш со сила да му земеш, но не можеш да му дадеш. Жал ни е што не ја прифаќа понудената помош. Сериозно треба да се разгледа можноста за кривична постапка за Арсовска за неисполнување на законските обврски и надлежности согласно закон, рече тој.
Според него, синхронизираното делување и изјави на Данела Арсовска и СДС е повеќе од очигледно.
-Нема човек кој не ја препознава вистината. И ќе сториме се што е во наша моќ да ги корегираме нејзините испади, неработење и неодговорно и детско однесување. СДС ја киднапира Арсовска држејќи ја, и уценувајќи ја за криминални и неморални постапки. И сега како што СДС е измеќар на ДУИ, Арсовска е на СДС, истакна Стојановски.