Исчезна нова група на Непалци кои биле вработени во Македонија, информира денеска полицијата. МВР соопшти дека во Полициската станица Аеродром М.Н.(41) од Скопје пријавил дека од местото каде престојувале се оддалечиле девет лица од Непал, кои биле вработени во фирма во Скопје. Од полицијата соопштуваат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата.
Во изминатиот период најмалку еднаш неделно има слична пријава. Пред три дена пет лица од Непал кои работеле во приватна фирма во Охрид, биле пријавени за исчезнати од страна на нивниот работодавец. Минатиот месец исчезнаа 6 Непалци кои работеле во Свети Николе и Пехчево, а вакви исчезнувања биле пријавувани и во јуни од фирмите во Скопје, Тетово и други градови.
МВР досега не соопшти дека се пронајдени некои од овие лица на македонска територија, а што води кон прашањето дали тие веќе ја напуштиле Македонија преку илегални канали. Врзано со тоа, јавноста треба да добие и одговор каква е заднината на доаѓањето на работниците од Непал во Македонија со цел да се вработат, а потоа по кусо време да исчезнат. Односно, дали е целта само кусо „транзитирање“ преку Македонија со цел да се стаса до некоја друга европска држава и дали постојат илегални канали за нивно префрлување? Или, пак, некои од нив се соочуваат и со несоодветно однесување кон нив на работното место и надвор од него?