Утре да престане пимплањето на градоначалничката и советниците во Скопје

На седницата на Советот на Градот Скопје утре треба да се види дали средбата меѓу скопската градоначалничка Данела Арсовска и премиерот Христијан Мицкоски помогнала македонската метропола да излезе од колапсот кој и се случува. Ќе се види дали советниците од сите партии ќе ги усвојат неопходните програми за работа на градските јавни претпријатија, ќе се види дали ќе се предложи соодветен план за надминување на колапсот…

Всушност, ќе се види дали оние кои носат најважните одлуки за (не)функционирањето на градот – градоначалничката и партиските советници – можат да постигнат компромис, да направат нешто во интерес на граѓаните за што се дебело платени.

Ќе го дочека ли Скопје тој момент – градските институции да работат соодветно, координирано и плански?

Тоа до сега не беше случај. Јавноста беше сведок на конфронтации, блокади, кавги, подметнувања, обвинувања…, по кои метрополата се повеќе тоне во нехигиена, сообраќаен и урбанистички колапс, загаденост и стагнација. Сето тоа само две години откако граѓаните на последните локални избори им дадоа јасен и убедлив мандат на актуелната градоначалничка и коалицијата која стоеше зад неа. 

Утре треба и градоначалничката и партиите сосе нивните советници да се сетат дека интересот на граѓаните е најважен. Нека постигнуваат компромиси околу тоа што е приоритетно да се работи во Скопје.

Доста пимплаат, Скопје стана презапуштен град. Тоа не се поправа со објаснување дека другиот е виновен за ситуацијата.

Претходна вестСе бара решение докторите од приватно здравство да се вратат во јавното
Следна вестКузеска: Началникот Наим Рамука, а не раководителот на смена е тој што одобрил незаконско поминување на граница на поворката на Гаши