Осум лица осомничени дека шверцувале мигранти во Европа се уапсени во Бугарија. Тие, како што се наведува, делувале по балканската рута.
-Четворицата уапсени имале статус на цели со висока вредност поради високата улога што ја имале во извршувањето на криминалните активности, се вели во соопштението на Европол додавајќи дека еден од главните водачи на групата претходно бил под истрага во Австрија за шверцување мигранти.
Оваа група наплатувала илегален трансфер на мигранти од Турција во Бугарија, а потоа и во други земји од ЕУ по цена од 6.000 евра за лице. Според досегашните информации, тие на овој начин превезле најмалку 130 лица.
Нерегуларните мигранти пеш би ја преминувале границата меѓу Турција и Бугарија со помош на водичи обезбедени од организаторите во Турција. Кога ќе ја минат границата, ќе ги пречекаат молдавски возачи, кои претходно добиле автомобили и ГПС-координати со локацијата на која ќе ги земат мигрантите во текот на ноќта. Ги превезувале до бугарско-српската или бугарско-романската граница и за тоа им биле платени по 100 евра за човек или од 700 до 1.000 евра. Мигрантите платиле околу 6.000 евра до Босна и Херцеговина, а повеќе од 4.000 евра за транспорт до Србија.
Бугарската полиција во соработка со колегите од Романија и Молдавија изврши претрес на 15 локации во бугарскиот град Пловдив. Во рациите се одземени 13 мобилни телефони, оружје и муниција, како и документи за возила со кои се превезувале илегални мигранти.
Од Европол велат дека шверцерските активности биле многу сложено организирани бидејќи водачите на групата, организаторите и оперативците на терен се од разни националности и од разни земји.
– Бугарските државјани биле одговорни за логистика, односно за наоѓање и купување автомобили, со кои се превезувале мигранти, и ги регистрирале на имиња на други лица, објаснуваат од Европол.