Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) отвори предмет во врска со назначувањето на новиот началник на Генералштабот на АРМ. Претходно била добиена претставка.
-Имаме отворено предмет и тој е распореден кај член. Отпочната е постапка за обезбедување документи за проверка на наводите, изјавија во ДКСК.
Алијанса за Албанците го проблематизираше изборот на Сашко Лафчиски за началник на Генералштабот на Армијата. Според потпретседателот на партијата Кренар Лога, Лафчиски не ги исполнува потребните услови за оваа позиција, односно бил четири нивоа под стандардите кои се бараат за шеф на Генералштабот.
-Еден од главните услови што Лафчиски не ги исполнува е возраста и стажот. Се бара шефот на Генералштабот да има најмалку 6 месеци искуство како командант на Оперативната Команда, а законската регулатива обврзува на чело на Генералштабот да се назначува само оној кој барем 6 месеци бил на чело на Оперативната Команда. Над сè, како бригаден генерал, Лафчиски нема четири години искуство како што бара законот за да може да биде именуван за генерал-мајор, што автоматски значи шеф на Генералштабот. На Лафчиски му е даден овој чин еден ден пред тој да биде декретиран од претседателката за шеф на Генералштабот. Неофицијално се дознава дека досега не бил опремен ниту со потребниот НАТО сертификат, информираше Лога.