Еден од осомничените за завчерашното убиство кај Мавровка вчера попладне сам се предал на полицијата и тој е на распит во полициската станица во „Кисела Вода“, потврдуваат од МВР за МИА. Полицијата интензивно трагаше по ова лице за кое постои сомневање дека помагало во извршувањето на кривичното дело „убиство“.
Министерството за внатрешни работи вчера информира дека СВР Скопје целосно ги расчисти кривичните дела „убиство” и „убиство во обид“, кои беа извршени вчера на паркинг просторот позади трговскиот центар „Мавровка“, каде што со употреба на огнено оружје беше убиен В.Е.(58) од Скопје и на улица „Стојна Стефкова“, каде со пиштол беше пукано кон полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје.
Од МВР посочија дека по преземени мерки и брза реакција на СВР Скопје, специјалните полициски сили, хеликоптери и дронови бил фатен и лишен од слобода сторителот на кривичните дела Е.К.(39) од Скопје, кому попладнево Основниот кривичен суд му одреди триесетдневен притвор.
За второто лице кое беше лишено од слобода вчера, од МВР велат дека до овој момент не е утврдена поврзаност со настанот и е ослободен, а се преземаа интензивни мерки за пронаоѓање и на уште едно инволвирано лице за кое постои сомневање дека помагало во извршувањето на кривичното дело „убиство“.
Основиот кривичен суд Скопје вчера попладне соопшти дека на осомничениот за вчерашното убиство на паркингот кај ТЦ Мавровска му е изречен триесетдневен притвор.
– Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, за определување мерка притвор против Е.К. од Скопје, осомничен за две кривични дела Убиство и Убиство во обид, како и едно кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и трговија со огнено оружје, а поврзано со вчерашното убиство на паркингот кај ТЦ Мавровка, по сослушување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, донесе решение со кое го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена, се наведува во соопштението од Кривичниот суд.
Согласно решението, притворот се определува заради постоење на основите од член 165 ст.1 точки 1,2 и 3 односно Опасност од бегство, Попречување на истрагата со влијание брз сведоци и Повторување на делотот. Против ова решение, странките имаат право на жалба пред кривичниот совет на овој суд.