Македонија низ историјата изроди многу жени – херои. Една од нив е и партизанката Вера Јоциќ.
„Три дена на раце те носевме збрана, со тага и болка во погледот срчен, и секоја капка од твојата рана, ко крвава жар ми капеше в срце“, напиша големиот македонски поет Ацо Шопов во песната „Очи“ за смртта на Вера Јоциќ. За тоа имаше голема причина бидејќи партизанката и народната хероина опеана во антологиските песни „Очи“ и „Љубов“ не се штедела при борбите за ослободување на Македонија од окупаторите.
Вера покажала неверојатно херојство во нардоноослободителната борба. Починала по тешкото ранување во битката против бугарскиот окупатор во 1944 година.
Инаку, таа е родена на 21 август 1923 година. Како гимназијалка во Скопје станала членка на СКОЈ, во 1941 година. По Априлскиот напад на фашистите на тогашна Југославија во 1941 година со своите сестри заминала за Ваљево (Србија), каде се приклучила во Јастребачкиот партизански одред и била примена во КПЈ во октомври 1941 година. По нелегалната партиска дејност во Ниш, во зимата 1942 година, ги продолжила партизанските дејствија во Јастребачкиот, па во Врањскиот партизански одред.
Таа се разболела поради изложеноста на многу ниски темпаратури, а и нејзините нозе премрзнале. Најпрво била лечена низ околните села, по што е решено да се пренесе во Ниш на лекување. Таму се вработила во фабриката за тутун, каде продолжила да агитира и да ја врши својата револуционерна дејност. Но, потоа се вклучува и во директна вооружена борба. Од крајот на 1943 година била заменик-политички комесар на Третиот кумановски партизански одред и на кумановските баталјони „Орце Николов“ и „Христијан Тодоровски – Карпош“, а од 24 февруари 1944 година и на Првиот баталјон на Третата македонска народноослободителна ударна бригада.
Учествувала во Пролетната офанзива која се одвивала во мај и јуни 1944 година, при што единиците од кумановско изведувале пробив кон Беласица и Егејска Македонија. Тогаш, задачата да се пробие обрачот од бугарски војски, се паднала на баталјонот во кој била член Вера Јоциќ. Во тие борби, кај селото Страцин, Кумановско на 20 мај 1944 година, таа го извела првиот јуриш кон бугарските сили, по што била тешко ранета. Партизаните ја извлекле, и ја носеле на шаторско крило три дена и три ноќи. По три дена, починала кај селото Саса, Делчевско.
За народна хероина била прогласена во 1951 година. Едно основно училиште во општина „Гази Баба“ го носи нејзиното име.