Мамардашвили останува во Валенсија, но Димитриевски не може да ја активира „специјалната клаузула“

Гиорги Мамардашвили по се изгледа ќе остане уште една година на „Месталја“, сценарио кое е навистина поволно за фановите на Валенсија, но не и за Столе Димитриевски кој пристигна во овој клуб со цел да го наследи грузискиот чувар на мрежата.

На крајот, Валенсија ќе го продаде Мамардашвили на Ливерпул за 35 милиони евра, но бидејќи „црвените“ во моментов имаат прв голман во Алисон Бекер, Грузиецот ќе биде вратен кај „лилјаците“ на едногодишна позајмица.

Од оваа операција најголем губитник е македонскиот чувар на мрежата, не само поради статусот на резерва кој сега мора да го прифати, туку и поради фактот што истекла специјалната клаузула во неговиот договор.

Како што пренесоа шпанските медиуми, Димитриевски можеше спогодбено да си замине од Валенсија за сума од 3 милиони евра, но рокот за изведување на ваква операција веќе истекол, а тоа ексклузивно го открива угледната „Марка“.

Познатиот медиум тврди дека рокот за оваа клаузула истекол пред неколку дена, а бидејќи Валенсија сега нема зошто да форсира продавање на Македонецот, јасно е дека Столе останува на „Месталја“.

„Марка“ тврди дека Димитриевски ја прифатил реалноста и одлучил да остане во Валенсија и покрај неповолниот епилог од „случајот Мамарадшвили“, од една страна поради тоа што знае дека Гиорги нема долго да остане во клубот, но и поради тоа што смета дека ќе добие фер борба од тренерот Рубен Бараха за местото прв голман и оваа сезона.

Претходна вест„Три дена на раце те носевме збрана…“, за херојското загинување на Вера Јоциќ пееше и Ацо Шопов
Следна вестФрчкоски поднесе оставка од местото амбасадор и постојан претставник во ОН