Улицата „Македонија“ во Скопје со години чека да биде средена. Иако тоа е најрепрезентативната пешачка зона во главниот град надлежните ги запоставуваат расклатените плочки, нефункционалните фонтани пред куќата на Мајка Тереза, недоволната чистота, многуте недовршени градби, возила иако е забрането…
Дали за да подобро се види таа површност и неодговорност уличните светилки работат и кога жешкото сонце силно ја осветлува улицата? Или пак тоа е некој нов светски тренд кој ние непрошетаните не сме го разбрале?
Колку чини уличното осветлување на централната скопска улица „Македонија“? Ваква дилема се наметнува откако граѓаните веќе со месеци секојдневно забележуваат иста ситуација: уличните светилки изутрина светат и кога веќе е целосно разденето, а приквечер се палат кога сонцето се уште е далеку од заоѓање.
Состојбата е таква веќе цело лето и „Скопско Ехо“ неодамна укажа на тоа, а имаше и бројни реакции на граѓаните на социјалните мрежи.
Но, надлежните за ова воопшто не реагираат. Кому не му се гледа добро при јако сонце?
Ова слепило скопјани го плаќаат. А сето тоа може да се смени само со едноставно прештелување на тајмерите на склопките.
Од вакви работи на Македонија одамна и е стемнето, ама тоа не се поправа со улично светло среде сончев ден.