Мојсоска: Избришан уште еден народен херој, дали ова е системско бришење на АСНОМ

Трендот на бришење на меморијата на антифашистичката борба продолжува и со новата влада, објави денеска Јована Мојсоска, пратеничка од „Левица“ во македонскиот парламент. Таа реагира на вчерашниот чин на преименувањето на улицата која го носеше името на народниот херој Христијан Тодоровски – Карпош во Мајка Тереза во скопската општина Чаир, а што го објави вицепремиерот Изет Меџити.

-Наивно е да се верува дека ова е случајно и дека не се работи за системско бришење на АСНОМ од колективната меморија – токму од оние кои ги глорифицираат балистичките идеи. Претходната влада од СДС и ДУИ ја избриша улицата ,,Втора македонска ударна бригада”, сегашната влада на ДПМНЕ и Вреди го избриша Христијан Тодоровски – Карпош, потенцира Мојскоска.

Христијан Тодоровски – Карпош бил прогласен за Народен херој на Југославија на 29 јули 1945 година, како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување (заедно со Стеван Наумов – Стив, Орце Николов, Страшо Пинџур, Мирче Ацев и Кузман Јосифовски – Питу).

Бил член на Козјачкиот партизански одред од 12 октомври 1941 година и член на партизанскиот штаб од Куманово. Откако одредот бил разбиен, преминувал во Вториот јужноморавски одред и Кукавичкиот одред, наизменично (1942-43). На 26 јуни 1943 година станал командант на Кумановскиот партизански одред, кој постепено нараснувал и на 1 декември 1943 година бил официјално преименуван во Прв кумановски баталјон „Јордан Николов – Орце“.

Бил убиен од страна на бугарскиот окупатор на 7 февруари 1944 г. за време на нападот на бугарското воено и полициско упориште во селото Билјача, Прешевско.

Во негова чест се испеани неколку партизански песни: „Битка се бие кумановско поле“, „Давај ме, мила мамо, давај ме“ и „Горо ле, горо зелена“. Покрај тоа, Ацо Шопов му посветил две песни од својата стихозбирка „Песни“ од 1944 година: „Карпош“ и „Борбата на Дренак“, а го спомнува и во „Марш на Трета македонска бригада“, напишана исто така во 1944 година.

Претходна вестДенеска се одбележува свети пророк Михеј
Следна вестВладата скрати 76 милиони денари од буџетот за научноистражувачката дејност, велат од Црвената Младина