Ново обвинување за трошење на државни пари за приватни цели од страна на екс-министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска упати денеска ВМРО-ДПМНЕ.
На партиската прес-конференција Миле Лефков, пратеник на владеачката партија соопшти дека поранешната министерка за само 4 дена во Виена потрошила 3.061 евра народни пари, за луксуз и раскош.
-Имено од 07.12.2023 година до 11.12.2023 година, Бисера Антоанета сама престојувала во Виена, со неа немало придружба од Министерството за култура или владата. Бисера Антоанета во Виена се осеќала како вистинска кралица. Наместо да изнајми хотелска соба, таа со службената картичка со народни пари изнајмила трособен стан од 70м2 во центарот на Виена веднаш до Палата Кобург, Виенската Опера, најелитните хотели и седиштето на ОПЕК. Стан од 70м2 е стан во кој во Македонија живеат четиричлени семејства. Во Виена Бисера Антоанета си го приуштила тоа задоволство сама на себе. За само 4 ноќи Бисера Антоанета платила 1213 евра или 74.599 илјади денари за трособниот стан. И тоа кога во непосредна близина каде што била сместена има елитни хотели каде ноќевање со доручек чини 9.000 денари, а хотел со нормални карактеристики може да се најде и за 6.000 денари, наведе Лефков.
Тој постави прашање која била нејзината потреба да изнајми трособен стан за 1200 евра за 4 ноќи во Виена со поглед на Виенскиот парк?
-За да отпатува во Виена Бисера Антоанета си купила повратна авионска карта од Охрид до Виена за 385 евра кои ги платила прво приватно, а потоа од Министерството за култура ги подигнала парите во кеш, како репрезентација. Не јасно е што правела Антоанета во Виена 4 дена? Која била потребата од ова патување и зошто наместо луксузен трособен стан не изнајмила хотелска соба која е и до 4 пати поевтина? Антоанета очекуваме одговори. А за твоите прошетки низ Виена и како си трошела народни пари продолжуваме утре, наведе Лефков.