ВМРО-ДПМНЕ и на верски празник продолжува со фабрикувани лаги и невистина за мене. Сакам граѓаните да знаат дека за службеното патување во Виена е избрано многу поефтино сместување од хотел или луксузни бизнис карти како оние на Мицкоски и неговите министри од 20.000 евра, соопшти денеска екс-министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
Во објавата на Фејсбук таа одговори на обвинувањето од ВМРО-ДПМНЕ дека со службената картичка во Виена за 4 ноќи изнајмила трособен стан со поглед на градскиот парк од 1200 евра
-Дефокусот за нивното досегашно трошење и аздисување на Гаши и неговите сватови, како и немањето изговор зошто во буџетот најдоја пари за општините на своите градоначалници, но не и за наставниците и покачувањето на минималната плата, ДПМНЕ со вакви напади кон мене на драматични пресови ја дефокусираат јавноста. Тие сакаат постојано да се занимаваме со нивните лаги. Ако има нешто незаконско нека ме тужат, но бидејќи нема се служат за конструкции. Службеното патување има причина и цел, отворање на Мултикултурна изложба претставена од уметнички дела на повеќе од педесет македонски уметници, нагласи таа.
Изложбата која што ја наведува екс-министерката била отворена на 7 декември 2023 година во Виена во изложбениот салон на македонската амбасада во Австрија. На неа беа претставени уметнички дела на повеќе од педесет уметници од нашата земја. Изложбата во Виена е дел од проектот „Мултикултурни изложби“ со кој во изминатите години беа претставени повеќе од сто дела на 60-тина уметници во Отава, Канада, во Вашингтон, САД, во Малме, Шведска, во Улцињ, Црна Гора, во Сплит и во Ријека, Хрватска, и е дел од богатата културна понуда на Скопје, како Европска престолнина на културата 2028.