ЦИА: Терористите на концертот на Тејлор Свифт во Виена сакале да убијат десетици илјади луѓе

Осомничените за планирањето на нападот на концертот на Тејлор Свифт во Виена планирале да убијат десетици илјади луѓе, кажа заменик директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА). Дејвид Коен се осврна не неуспешниот терористички заговор за време на националниот разузнавачки и безбедносен самит овој викенд во Мериленд.

-Планирале на тој концерт да убијат огромен број луѓе, десетици илјади, меѓу кои сигурно би имало многу Американци. Имале детален план. Австријците успеаја да ги уапсат бидејќи ЦИА и нашите разузнавачки партнери им даваа информации за тоа што планира оваа група поврзана со Исламска држава, изјави вчера Коен.

.Австриските власти тврдат дека главниот осомничен, 19-годишен Австриец, бил инспириран од Исламската држава. Тој, наводно, планирал да изврши напад со нож или рачно изработен експлозив надвор од стадионот, каде што се очекувало да се соберат повеќе од 30.000 луѓе. Во тоа време внатре во стадионот требаше да има уште 65.000 посетители.

При претресот на куќата на осомничениот, истражителите пронашле хемикалии и направи со кои тој планирал да го изврши нападот.

Австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер изјави дека им е потребна помош од други разузнавачки агенции бидејќи австриските истражители, за разлика од некои странски служби, не можат законски да ги следат СМС пораките.

Адвокатот на 19-годишното момче, сепак, тврди дека обвиненијата се претерани и дека австриските власти го преувеличувале случајот за да добијат нови овластувања во поглед на надзорот.

Главниот осомничен заедно со  17-годишник беа приведени на 6 август, ден пред да биде објавено дека концертот ќе биде откажан. Третоосомничениот (18) е уапсен на 8 август. Нивните имиња не се објавени поради австриските закони за приватност.

Претходна вестТрговците ќе го послушаат ли апелот на Мицкоски за намалување на маржите?
Следна вестТешко повреден пешак во Велес: Го удрил мотоцикл