Николоски: Некој се лаже дека преку посредници може да влијае кај мене или кај премиерот за пругата кон Бугарија

Изградбата на третата фаза од пругата кон Бугарија, односно делницата од Крива Паланка до Деве Баир, се стопира откако денес Министерството за транспорт и ЈП Македонски железници инфраструктура ги повлекоа претставниците во Комисијата за избор на надзор и изведувач што требаше да ја заврши работата овој месец. Ова на денешната конференција за печат го соопшти министерот за транспорт Александар Николоски наведувајќи дека одлуката е резултат и на претходно изнесените обвинувања од страна на премерот Христијан Мицкоски за обид на поткуп на целиот процес.

На јавниот повик за избор на компании за надзор и и за изградба, инаку, се пријавиле 7 учесници.

-По јавно изнесените информации дека на премиерот му е понуден поткуп, ги повлековме членовите и тоа е најмалку што можеме да го направиме во овој момент. Со ова покажуваме дека со нас нема играње и дека ако некој мисли дека преку посредници може да влијае кај мене или кај премиерот, се лаже. Исто така, наивно е да се мисли дека овие понуди доаѓаат јавно на некоја средба. Мислам дека премиерот Мицкоски беше прецизен, а наш најголем сојузник во борбата против корупцијата е јавноста. Ова е проект од претходната влкада на СДСМ и на ДУИ, а „непристојните понуди“ не доаѓаат официјално на состанок, има други канали на комуникација и затоа се решивме да ги повлечеме нашите претставници, објасни Николоски, одговарајќи на новинарско прашање дали и тој бил жртва на поткуп, но без да прецизира каде е пријавена ваквата „понуда“.

Николоски наведе дека најголемиот дел од пријавите „биле несериозни, односно немало ниту една компанија од сериозна земја членка на ЕУ, а мислеле дека преку свои посредници ќе влијаат врз премиерот и кај него, како министер“.

Тој додаде дека државата останува целосно посветена на овој инфраструктурен проект.

– Во иднина, заедно со ЕУ и со Бугарија ќе се изработи нов проект кој ќе биде сериозен, изводлив проект, да добиеме сериозни гаранции од Бугарија дека ќе го гради нејзиниот дел, а за можеме да го реализираме проектот. Значи, само откако ќе добиеме изводлив проект, а не проект кој завршува во тунел, со 22 тунели и 56 мостови, а кој чини прескапи 20 милиони евра по километар. Не можеме да продолжиме да трошиме 500 милиони евра за проект кој никогаш нема да се реализира. Кај нас нема простор за корупција, мислам дека јасно одговорив, додаде Николоски.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ прашува дали Костадиновска Стојчевска водела и другарка на државен трошок во Виена?
Следна вестСредношколците ќе ги добијат бесплатните билети во матичните училишта