Мицкоски: Ние после две ипол децении не можеме да бидеме дел од ЕУ, не можеме ни да почнеме да преговараме

И после после две ипол децении повторно не можеме да бидеме дел од ЕУ, односно ние не можеме ни да почнеме да преговараме, изјави денеска македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Загреб, Хрватска. Тој одржа заедничка прес-конференција со претседателот на хрватската Влада Андреј Пленковиќ при што одговори на новинарско прашање за влезот на Македонија во Европското семејство.

Мицкоски рече дека Македонија во изминативе две и речиси половина децении, и како држава и како нација, направила многу за Европската иднина.

-Ако се вратиме уште на самите почетоци на независноста ние го користевме она срамно име односно онаа времена референца поранешна југословенска република кога веќе одамна не постоеше Југославија како држава. И тоа требаше да биде време на референца остана за жал неколку децении. Потоа моравме да го менуваме нашето национално знаме за да бидеме членка на ОН, потоа ги менувавме и банкнотите, неколку пати го менувавме нашиот Устав за да покажеме и докажеме дека веруваме како држава во таа Европска иднина, во тие Европски вредности и така натаму. Секогаш бевме свесни за реалноста, како народ и како држава. Сето тоа кулминираше со промената на Уставот односно кога се случи Преспанскиот договор кога уставното име се промени во Република Северна Македонија од Република Македонија и сето тоа беше еден процес којшто изобилуваше со многу понижувања и кон македонскиот народ и кон македонските граѓани. Но тогаш безусловно од Брисел не убедуваа уште само ова направете го и завршено е, вие не само што ќе ги почнете преговорите него и ќе бидете земја членка на ЕУ. Па потоа се измисли нова методологија на преговарање, па потоа дојде на сцена тогашната бугарска влада и премиерот на бугарската влада со оние хегемонистички барања односно негирања на идентитетот, јазикот и така натаму. И за жал ние после 2 ипол децении повторно не можеме да бидеме дел од ЕУ, односно ние не можеме ни да почнеме да преговараме, рече Мицкоски.

Хрватскиот премиер Пленковиќ, пак, рече дека Македонија доживеала премногу неправда на патот кон Европската Унија и дека Хрватска ќе продолжи да се залага за забрзување на тој процес.

-Имаше премногу неправди кон Северна Македонија. Мислам дека од македонска страна се направени толку многу отстапки, што ретко кој народ и ретко која земја би прифатиле да направат толку чекори од своја страна доколку не го забрзаат својот пат кон членство во Европската Унија, рече Пленковиќ.

Претходна вестСоветот на Град Скопје не ги донесе Одлуките за воведување на БРТ и набавка на еко-автобуси
Следна вестНаместо авиокомпании Владата ќе субвенционира дестинации – ќе се плаќа по патник во доаѓање