Николовски: Обидот за поткуп е од страна на фирма пријавена на тендерот за пругата за Бугарија

Поткупот кој бил понуден на премиерот Христијан Мицкоски за продолжување на изградбата на пругата кон Бугарија бил од компанија која учествувала на тендерот. На тендерот за изградба на третиот дел од железничкото поврзување на земјава со Бугарија се јавиле седум компании и сите биле од Турција.

Ресорниот министер за транспорт и врски Александар Николовски не кажа дали и нему му било понудено мито, но потврди дека преку тајни канали пристигнала понуда за договор која компанија да го добие бизнисот. Николовски соопшти дека владата решила да ги повлече членовите на Комисиите за евалуација на понудите, се со цел да дадат до знаење дека нема да прифатат коруптивни зделки.

-Тие компании мислат дека преку свои посредници можат да направат обид за поткуп кај мене, кај премиерот, можеби кај членовите на евалуционата комисија итн. Затоа ние сме сериозни затоа ја прекинуваме постапката со тоа што сега ги повлекуваме членовите. А во иднина во соработка со Европската унија во соработка со Бугарија во соработка со банките, сакаме да изработиме прво сериозне проект кој ќе биде сериозен и изводлив, второ да добиеме јасни гаранции од Бугарија дека Бугарија исто така може да ги изгради проектот, рече Николовски.

Во Јавното обвинителство засега нема пристигнато пријава за поткуп, ниту од премиерот Мицкоски ниту од некој друг владин претставник. А од Транспаренси Интернешнл Македонија велат дека нејасно им е зошто обвинителството не отвори предмет по допрен глас, бидејќи понуда за поткуп е сериозно кривично дело.

-Секое кривично дело, особено едно вакво сериозно треба да биде пријавено. Но, треба да бидат превземени и дејствија од страна на институциите како Јавното обвинителство по допрен глас итн. Претпоставувам дека се работи за странски субјект кој ова го има направено и сега треба и да се разгледа, кој орган дали домашен или странски обвинител е надлежен за тоа, вели Благоја Пандовски претседател на Транспаренски Интернешнл Македонија.

Пред два дена премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека му бил понуден поткуп за да продолжи да ја гради пругата кон Бугарија. Тоа ќе може да се реализира само доколку се избере компанија на тендерот за изведба на третата делница. Од македонска страна останаа да се изградат 23 километри пруга односно од Крива Паланка до бугарската граница. Еден километар според тендерската документација би чинел над 24 милиони евра.

Претходна вестБез вода дел од Карпош и Бутел
Следна вестСрбија купува 12 авиони „Рафал“ од Франција