Државна инспекција ќе ја „тресе“ КФМ по обвинувањата на селекторот Андреевски за скандалозен третман на златните јуниори

Државна инспекција ќе влезе во Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), денеска најави министерот за спорт Борко Ристовски. Тој одговори на новинарско прашање за коментар во врска со обвинувањата од селекторот на јуниорската репрезентација, Горан Андреевски за скандалозен третман на репрезентацијата, а  кои вчера излегоа во јавност.

-Она што можеме да го кажеме е дека изјавите на селекторот се доста загрижувачки и ќе направиме се што е во наша моќ, во најбрзо време, можеби и идната недела да испратиме инспекција во федерацијата за да ги провериме тврдењата на селекторот дали се точни и дали се потрошени сите средства кои ги добиваат федерациите од државата, на вистинско место, истакна Ристовски.

Тој потенцира дека како Министерство не планираат да се мешаат во внатрешните работи на ниту една федерација и немаат намера да учествуваат во било какви дебати со било кој од засегнатите страни.

-Доколку се утврди било каков пропуст од КФСМ тие ќе бидат санкционирани, беше категоричен Ристовски.

Инаку, во интервју за порталот „Спорт1“ Андреевски, меѓу другото, обелодени дека неговите избраници, кои дојдоа до златниот медал на ЕП дивизија Б, јаделе „скапана храна“, тренирале во пекол и биле приморани да пешачат по еден час двапати на ден на 45 степени температура, а тој бил изложен на закани од луѓе од самиот врв на Федерацијата

На ова демант пристигна од КФСМ и од хотелот „Континентал“ каде биле сместени младите репрезентативци.

-Жалосно е и крајно разочарувачки да се даваат вакви коментари од страна на човекот на кој од страна на федерацијата му беше дадена најголема доверба во поглед на реализација на планираните активности на оваа наша национална селекција, за која со право сметавме дека има потенцијал. Сето тоа креирано со задни намери и поентирање за некои политички цели, а со крајна цел да се намали евидентниот успех на федерацијата, особено од условите, функционирањето и реализацијата на сите планирани активности поврзани со младинските репрезентации, се вели во дел од реакцијата на КФМ.

Претходна вестМицкоски: Ако има расположение во ЕУ да ни го подотворат европскиот пат, ќе има и начин
Следна вестЛафчиски: Пред се, јас сум војник и не би коментирал укази и наредби кои се согласно со закон