О2 иницијатива: Советничка од Карпош која се бореше против зградата зад поликлиника „Букурешт“ добивала закани дека ќе и биде силувана ќерката

На советничка од Општина Карпош ѝ се заканувале дека ќе ѝ ја силуваат ќерката ако не престане да реагира за зградата што се гради зад поликлиника „Букурешт“ во заштитено подрачје кај Градска болница, обелоденија денеска од невладината организација О2 иницијатива.

– Заканите беа пријавени во полиција. Името на кој е регистриран телефонскиот број е непостоечко, појаснија од „О2 иницијативата“.

Оттаму велат дека Кога е во прашање корупцијата во урбанизмот, таа постои на сите нивоа и дека делувањето не е индивидуално.

– Се прави спрега меѓу советници и градоначалници, не се делува индивидуално. Сме детектирале корупција на сите нивоа, изјави Татјана Чакулев од О2 иницијатива на презентацијата на платформата за борба на граѓаните и граѓанските здруженија против корупцијата во процесот на донесување на урбанистичките планови и закони во Собранието.

Таа објасни дека преку Платформата граѓаните може да се запознаат со целиот процес на донесување на деталните урбанистички планови, со советниците во својата општина, со членовите во комисиите, со законите, може да научат како и каде да пријават одредени нерегуларности и потенцијална корупција.

-Имаме претставени конкретни примери, но и документи за претставки. Притоа, граѓаните може да поднесат претставки во свое име, или анонимно, па тоа ние да го направиме за нив, објасни Чакулев.

Како пример за тоа што се случува во урбанизмот, Чакулев го презентираше случајот со зградата зад поликлиниката „Букурешт“.

– Првично беше изготвено негативно конзерваторско мислење пред да се издаде одобрението за градење, бидејќи услов за одобрението за градење се две мислења – конзерваторско мислење и мислење од Управата за заштита на културно наследство. Кога се изготви негативното мислење, реагираше градоначалникот и велеше дека тоа е самоволие. Потоа, тогашниот директор на Конзерваторскиот центар формираше комисија, што не е вообичаен случај и Комисијата од три члена издаде позитивно конзерваторско мислење. Тој директор, истовремено беше член во Комисијата за урбанизам во Општина Карпош. За издаденото позитивно конзерваторско мислење, ние поднесовме претставки и се жалиме. Министерството за култура утврди дека тоа е незаконско и бараше поништување на Мислењето од Конзерваторскиот центар. Конзерваторскиот центар го поништи. Во меѓувреме е издадено одобрение за градење. Потоа, се жалат инвеститорите, се одбива жалбата и сега се на Управен суд. Потоа, се издава негативно конзерваторско мислење за да се прогласи ништовно одобрението за градење, но општината не сака да го прогласи и сега на потег е Министерството за транспорт како второстепен орган, го раскажа овој случај Чакулев.

Претходна вестПочна празнувањето на општината Ѓорче Петров: Филмови, фестивалот „Јаболчиња“, изложба на олд-тајмери…
Следна вестАрсовска му пиша на Мицкоски: Ќе ги прифатам Вашите барања и услови за да донесеме одлука за набавка на нови 250 еколошки автобуси за Скопје