СДСМ утре ќе организира собир на наставници пред Министерството за образование

Притисокот за покачување на платите на просветните работници расте. Опозициската СДСМ организира собир на наставници под мотото „Немате оправдувања, покачете ги платите!“. Од партијата денеска стигнаа критики на адреса на премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование Весна Јаневска, дека немаат ниту концепт ниту план за да се подобри образованието.

-Целосно го погазија ветувањето за зголемување на платите на наставниците. Секојдневно слушаме некакви изговори, а вистината е дека власта на ДПМНЕ не сака да ги зголеми платите за 12% во овој септември. Со СДСМ наставниците секоја година, новата учебна година ја започнуваа со повисока плата. Во септември 2022 и 2023 година, СДСМ ги покачи платите во образованието на два пати по 15 проценти. Претходно, во септември 2021 година покачувањето беше од 10 проценти, а во септември 2019 и 2020 година по 5 проценти, вели пратеничката од СДСМ, Даниела Николова.

Опозицијата алармира дека власта нема слух за потребата од вклученост на наставниците и стручните служби од училиштата, во процесите на донесување на реформи и образовни политики.

-Просветните работници не сакаат да бидат потценети, девалвирани и уценети, пренатрупани со технички активности кои ги одвлекуваат од суштината на воспитно образовниот процес. СДСМ е на страната на наставниците и бара од Јаневска и Мицкоски веднаш да ги променат погрешните политики во образованието, реагира Николова.

Утре, недела, на 1 септември СДСМ, преку Комисијата за образование организира собир на наставници и просветни работници. Собирот ќе биде пред Министерството за образование и наука во Скопје со почеток во 11.30 часот. Тие бараат да се покачат платите во образованието за 12% и да им се исполнат барањата на наставниците.

-Овој собир, пред почеток на училишната година е еден аларм, едно предупредување.Тоа е собир на којшто ќе биде искажан револтот од погрешните политики во образованието од страна на владата на ДПМНЕ и Весна Јаневска. Ги покануваме сите просветни работници, без разлика на нивните политички убедувања, да ни се придружат. Заедно да го искажеме незадоволството и да го кренеме гласот, да извршиме притисок врз власта за да ги промени погрешните политики. Заедно, мора да ги вратиме достоинството и почитта кон наставниците, вели Николова.

Претходна вестЕдно лице почина во сообраќајка помеѓу возило и мотоцикл
Следна вестНа стогодишнината од смртта на Тодор Александров, откриен споменик во штипско Ново Село