Неделков: СОНК утре нема да учествува на никакви протести

Претседателот на СОНК Јаким Неделков по повикот на СДСМ за собир на наставниците во текот на утрешниот ден пред Министерството за образование на социјалните мрежи објави статус во кои вели дека СОНК како најголем синдикат за образование и наука нема да учествува на никакви партиски организирани протести.

-Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, како најголем синдикат за образование и наука, во кој членуваат над 20 000 просветни работници, се оградува од секаков вид на политички влијанија и дејствија во образованието. Во период на интензивни преговори за изнаоѓање решение и средства за подигнување на социјалниот статус на вработените во образованието, делувањето на политичките партии и преземањето на улогата на синдикатите, упатува на купување на ситни политички поени и може да има сосема спротивен ефект.

Политичките партии имаа и имаат можност да докажат колку се загрижени за просветните работници, а тие знаат тоа најдобро да го оценат. СОНК ќе продолжи да делува со сите расположиви синдикални средства во натамошниот период, се до остварувањето на својата цел. Членовите на СОНК нема да учествуваат на никакви партиски организирани протести и строго ќе внимаваат на мешањето на политиката во синдикатот, напиша Неделков.

Претходна вестБразил го забрани Твитер по кавгата со Илон Маск
Следна вестМицкоски нема да набави 250 автобуси како што побара Арсовска во писмото