Горан Петрески повеќе не е тренер на Вардар

Горан Петрески неодамна му се приклучи на Вардар и првично пристигна за да биде дел од стручниот штаб на Горазд Михаилов, но откако тренерот спогодбено ја прекина соработката со клубот, популарниот „Чунга-лунга“ доби шанса да биде лидер на првиот тим.

Петрески го наследи Вардар од Михаилов по победата од Пелистер извојувана на домашен терен, но двата порази претрпени од Шкупи и Воска Спорт, сега направија да видиме нова тренерска смена во најтрофејниот македонски клуб.

Петрески решил да преземе одговорност по срамното издание против Воска на „Тодор Проески“, па заедно со своите помошници поднеле неотповиклива оставка.

Тимот има катастрофален старт на новата сезона и „Комити“ јасно го искажаа својот бес, па сега останува да се види кој ќе биде изборот за нов тренер од страна на новата управа.

-Јас и мојот стручен штаб ја преземаме одговорноста за двата порази во низа и од денес повеќе нема да ја извршуваме тренерската функција во клубот. За Вардар секогаш сум го давал целото свое срце, така беше и овој пат, жалам што сета таа љубов и посветеност не ги донесе посакуваните резултати, гласи изјавата на Петрески.

Претходна вестМосква го обвини Киев за масовен напад со дронови врз Русија
Следна вестЈа пријавил во полиција невенчаната сопруга дека му оштетила возило „мицубиши“