Пратеникот и координатор на пратеничката група на ДУИ, Блерим Беџети, пред почетокот на седницата во Собранието, во врска со интерпелацијата против претседателот на Собранието Африм Гаши, рече дека како пратеничка група која е дел од Европскиот фронт ќе ги дадат своите забелешки, но како што истакна, нема да гласаат за разрешување на Гаши.
-Ќе ги дадеме нашите забелешки за работата на господинот Гаши. За интервјуто кое вчера кружеше, мислам дека треба да им се извини на Албанците и да се повлече од политичката сцена и повеќе да не биде претседател на Собранието. Но, ова ќе остане во неговата свест. Сепак, од принципиелни причини, за прашањата што се покренати, ќе дебатираме за аргументите, но нема да гласаме за разрешување по иницијативата на „Левица“, изјави Беџети пред влегувањето во зградата на Собранието.
Денеска на собраниска седница е интерпелацијата на спикерот Африм Гаши. Пратениците од опозициската СДСМ ќе гласаат за отповикување на Гаши, а народните избраници од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ се изјаснија дека нема да ја поддржат интерпелацијата.
Иницијативата ја поднесе „Левица“ и како што оттаму велат истата е заснована од седум причини меѓу кои – повреда на секуларноста на државата, скандалот на Меѓународниот аеродром во Скопје со косовската претседателка како и повреда на употребата на македонскиот јазик.