Владата ја ограничи маржата за училишниот прибор, моливите се набавувале по 54,1 денар, а се продавале и за 120

Владата донесе одлука за ограничување на маржата за училишниот прибор и тоа на 5 отсто за големопродажба и 10 отсто за малопродажба, информира премиерот Христијан Мицкоски. Ограничувањето на маржата е во рамките на кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе! Се грижиме“, а одлуката е донесена на денешната седница на Владата.

-Анализиравме увозни царински декларации и цени во малопродажба и заклучивме дека многу производи се продаваат по двојно повисоки цени од увозните, На пример маркер се набавува по 60,1 денари, а се продава по 130 денари, на јаглен набавната цена е 68,6 денари, додека продажната 200 денари. Боиците имаат увозна цена од 69,5 денари, а се продаваат од 120-150 денари, кај моливите имаме набавни цени од 54,1 денари, а продажни по 120 денари, изјави премиерот Мицкоски.

Според Мицкоски, оваа мерка не е задоцнета.

– Секогаш може да се направи нешто поинаку. Мислам дека секоја мерка е добредојдена за буџетот на семејството, од проста и едноставна причина што откако беше констатирана состојбата во малопродажбата тогаш веднаш се реагираше. И на мене не ми паѓа на памет некој производ што има увозна декларација од 50 денари да се продава по 120-150 денари. Убеден сум дека со оваа мерка ќе заштеди половина од буџетот на семејството. Да има и такви кои обезбедиле дел од училишниот прибор, но во наредниот период ќе имаме и други вакви мерки што ќе значат заштита на „есенската кошничка“ и на зимската, додаде тој.

Усвоената одлука се однесува на замрзнување на цените на училишните продукти во период од 03.09.2024 до 20.10.2024 година.

Целосната листа: Ранци и ташни; Тетратки, блокови, нотеси, колажи; Средства за пишување (моливи и пенкала); Дрвени боици; Пластелин, теста за моделирање, подлоги; Фломастери и маркери; Мрсни боици; Темперни, акрилни, водени бои и четки; Линијари и дидактички материјали; Острилки и гуми за бришење; Детски ножици; Футроли, етуи и училишни додатоци; Лепак; Шестари, дигитрони, компаси и лупи; Чаши за прибор и држачи; Украсна хартија; Папки и картонски ташни; Материјали за изработки.

Претходна вестСе реконструира зелениот појас на десната страна на кејот на Вардар во Скопје
Следна вестСе испитува одговорноста на две лица за тешка сообраќајка кај наплатната станица „Миладиновци“