Рано утринава, околу 200 луѓе – пожарникари, припадници на Армијата, полицајци, вработени во „Национални шуми“, но и локално население се очекува да се упатат кон пожарот во Мариовско и да интервенираат на негово гасење. Ова синоќа во видеоизјава го најави директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, откако пожарот кај Мариово ескалираше, зафаќајќи ја линијата на огнот над 20 километри.
Потребата од повеќе човечки ресурси и воздушна поддршка за гасењето на големиот пожар била констатирана на синоќешната седница на општинскиот кризен штаб во Прилеп.
Директорот на ЦУК вчеравечер информира дека пожарот се проширил поради силниот ветер, а во текот на вчерашниот ден во гаснењето се обиделе да се вклучат хеликоптер и „ертрактор“ на ДЗС, но поради високиот чад биле повлечени оти нивното летање над пожарот било небезбедно.
Пожарот, како што изјави Ангелов, се движи во насока на селата Бонче, Крушевица, Пештани, Дуње и Кален.
-Во гаснењето ќе учествуваат околу 200 професионалци. За рано наутро се договорени повеќе мерки, меѓу другото: ќе бидат вклучени 70 припадници на АРМ, 25 припадници на специјалната полиција, 40 вработени во ЈП ‘Национални шуми’ и повеќе од 60 пожарникари од повеќе градови. На терен ќе има вкупно 195 лица, припадници на АРМ, пожарникари, од специјалната полиција. Покрај прилепските, се ангажирани и пожарникари од Кавадарци, Охрид, Битола, Ресен, Новаци, од Могила, Кочани, Радовиш, Свети Николе, Струмица и од Штип. Ако има потреба, изутрина ќе се повикаат други пожарникари, изјави синоќа директорот на ЦУК.