Новата позитивна листа на лекови функционална од 16 септември

Очекувам новата позитивна листа на лекови да биде функционална до 16 септември, соопшти денеска в.д. директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски.

-Првиот чекор за подобрување на здравствените услуги го направивме со позитивната листа која не беше обновена од 2014 година и само еден лек и беше додаден. Сега одобривме девет генерики кои можат да водат до 56 бренд лекови. Јавниот оглас е во тек, пријавени се Алкалоид, Крка, Белупо и други фирми како можни добавувачи. Очекуваме до 16 септември новите лекови да бидат достапни во системот и во аптеките и матичните доктори да можат да почнат да ги издаваат и да се користат, изјави Клековски по денешната средба со новинарите во ФЗО.

Тој рече дека ФЗО нема да дозволи да страдаат здравствените услуги на граѓаните и најдоцна за 10-тина дена ќе се објави планот за санација на должничката криза во јавните здравствени установи.

-Можам да им гарантирам на граѓаните дека во критичните подрачја – квалитет на здравствени услуги и достапност на лекови нема да има проблеми, порача Клековски.

Тој потенцира дека приоритет е Клиниката за онколошки болести каде мора да има подобри здравствени услуги за болните и мора да се растовари. Прецизира дека според состојбата на 3 јуни долгот на јавно здравствените установи изнесува пет милијарди денари и е зголемен за една милијарда денари во првите шест месеци од годинава.

-Најголеми должници се универзитетските клиники за Радиологија и онкологија, Торакална и васкуларна хирургија, Гинекологија, а има и неколку болници надвор од Скопје како Прилеп и Охрид. Долговите се настанати заради несоодветно планирање и буџетирање, посочи Клековски.

Претходна вестВработен во МВР за две години присвоил 1.000 евра
Следна вестОд три жени во Центар и во Аеродром украле златен накит, добија кривични пријави