Догодина ќе се носи нов Закон за локалната самоуправа, досегашниот бил стар повеќе од две децении

Следната година ќе биде изготвен нов Закон залокална самоуправа, затоа што актуелниот е стар две децении и е зрел за целосна промена и адаптација согласно со условите во кои денес функционираат општините, најави денеска Златко Перински, министер за локална самоуправа.

Тој рече дека сè уште нема предлог измени на Законот за локална самоуправа со кои ќе се овозможи назначување градоначалници во случај кога некој ќе биде именуван на друга функција, за коишто требаше да преземе иницијатива коалицискиот партнер Вреди.

– Уште на почетокот на формирање на Владата, коалицискиот партнер Вреди практично требаше да преземе иницијатива во дел на измените на Законот за локална самоуправа којшто се однесува на временскиот рок за престанок на мандат по сила на закон. Јас предлог измени сè уште немам официјално видено и не можам да ги коментирам, рече денеска Перински на новинарско прашање.

По парламентарните избори во мај годинава дел од градоначалниците добија функции во извршната власт и со општините раководат в.д градоначалници.

Според министерот Перински, Законот е зрел за целосна промена и адаптација согласно условите во кои општините функционираат денес, а следната година ќе се подготвува нов закон.

– Што се однесува до Законот за локална самоуправа во целина битно е да се спомене дека се работи за системски закон за којшто е неопходно обезбедување на двотретинско мнозинство. Тоа е закон којшто е стар повеќе од две децении и реално закон којшто е зрел за целосна промена и адаптација согласно условите во коишто денес функционираат општините. Ние како Министерство за локална самоуправа го предвидуваме во нашиот акциски план и се надевам дека следната година низ широка дебата во која ќе бидат вклучени и единиците на локална самоуправа и сите експерти кои се запознаени со материјата ќе влеземе во постапка на правење нов модерен закон за локална самоуправа – рече Перински на денешната прес-конференција во Владата..

Претходна вестСДСМ: Со стари лаги ДПМНЕ сака да го оцрни Филипче за да ги покрие многуте скандали на власта
Следна вестЉутков: Универзална сала не е преземена на легален начин од Град Скопје