Во рамките на Деновите на Општина Ѓорче Петров, в недела од 12:00 до 14:00 часот, во реонскиот парк ќе се одржи манифестацијата „Од Бистра, преку Дервен, до Ханриево: на гости во Ханриево“.
– Станува збор за фолклорна манифестација на која три години во континуитет, односно веќе традиционално во Ѓорче Петров, по седум детски ансамбли од културно-уметничките друштва го презентираат нашето богато фолклорно наследство. Целта е да се поттикне интересот кај најмладите за негување и за зачувување на македонската традиција, соопштија од Општина Ѓорче Петров.
Притоа, ќе може да се проследат настапите на детските ансамбли на: КУД „ Гердан од бисери“ од Охрид, „Керамичар“ – Велес, на КУД „Димитар Беровски“ – Берово, „Орце Николов“ – Скопје, „Јонче Христовски“ – Скопје и ЕФЗ „Седум осмини“ – Скопје.
Манифестацијата е во организација на Едукативното фолклорно здружение „Седум осмини“ од Ѓорче Петров.