Денеска, во Берлин се изврши чинот на осветување на камен темелникот за нова црква од страна на неговото блаженство архиепископ охридски и македонски г.г Стефан во сослужение со митрополитот на Европската епархија г. Пимен и митрополитот на Тетовско- гостиварската епархија г. Јосиф со многубројно свештенство од Европа.
-Денес, 15 септември 2024 Лето Господово, на празникот посветен на Св. мч. Мамант, св. Јован Постник и прав. Елеазар, се изврши осветување и поставување на камен теменик за изградба на православен храм, посветен на „Св. Климент Охридски”, во Берлин, Германија. Чинот на осветување го изврши Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение на митрополитите: г. Пимен и г. Јосиф, и свештенослужители од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, во време кога Претседател на СР Германија е г. Франк Валтер Штанмаер, Градоначалник на Берлин е г. Каи Вегнер, Парохиски свештеник е отец Оливер Новески, а црковниот одбор е предводен од г. Душко Лазаревски и г. Маран Трпчев, пишува во Повелбата за градбата.
Пред многубројните верници кои со задоволство го проследија чинот на осветување на камен темелникот на новиот објект, се организираше и богата културно – уметничка програма со музичката група „Доминанта“ и Ангел Стојкоски, а настап имаше и фолклорниот ансамбл „Македонско Сонце” од Диселдорф.
Оваа црква ќе биде од огромно значење за македонските православни верници, бидејќи според неофицијалните податоци се претпоставува дека во Берлин и околината живеат околу 10.000 православни Македонци. Планот за изградба на црква е подготвен од страна на архитектот Елена Цонева и добиено е одобрение за градење од страна на надлежните институции во Берлин.