Нов обид за атентат врз Трамп, напаѓачот со калашников дошол на 400 метри од него

Објавено е името на осомничениот за вчерашниот обид за атентат на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп. New York Times и Fox News Channel објавија дека се работи за 58-годишниот Рајан Весли Рут од Хаваи.

Напаѓачот е уапсен, а како што објави ФБИ, републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп е безбеден по обидот за атентат во близина на неговиот терен за голф во Вест Палм Бич, Флорида.

Шерифот на округот Палм Бич на прес-конференција рече дека напаѓачот бил во грмушките покрај теренот за голф, кога агентите на тајната служба, кои го проверувале теренот надвор од просторот на Трамп, ја забележале цевката од пушката. Агентите пукале кон него, а тој фрлил автоматска пушка слична на АК-47, два ранци и други предмети и побегнал со црн нисан.

Сведок го видел напаѓачот и можел да го фотографира неговиот автомобил и регистарска табличка, што доведе до тоа замениците на шерифот да го забележат и да го ппиведат во соседната област.

-Тој моментално е во притвор, рече шерифот на округот Палм Бич Рик Бредшо.

Трамп бил однесен на безбедно веднаш штом бил забележан напаѓачот. Самиот подоцна на социјалните мрежи објави дека е добро.

Неименуван полициски функционер изјави дека Трамп бил оддалечен 300-400 метри од напаѓачот. Трамп беше повреден во обид за атентат во Пенсилванија на 13 јули, што покрена многу прашања за безбедноста на претседателските кандидати пред изборите на 5 ноември.

Белата куќа соопшти дека претседателот Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис биле информирани за инцидентот и дека им олеснало кога слушнале дека Трамп е безбеден.

Зборувајќи за американските медиуми, синот на Рут Оран го опиша како „грижлив и љубезен татко“. „Не знам што се случи на Флорида и се надевам дека сето тоа е претерано. Тој не е човек кој би направил вакво нешто“, изјави Оран во изјава за Си-Ен-Ен.

BBC Verify пронајде профили на социјалните мрежи што одговараат на тоа име. Тие покажуваат дека Рут повикувал странски борци да одат во Украина за да се борат против руските сили. На неговиот профил има и пропалестински, про-тајвански и антикинески пораки, вклучително и наводи за кинеска „биолошка војна“ и упатувања на „Ковид-19“ како „напад“.

Претходна вестДелегација од германскиот Бундестаг во посета на Собранието
Следна вестБосанчиќ со мајсторија донесе бод за Вардар, дербито во Чаир без победник