ДПМ: Миневски, Анчевски, Црвенковска, Капушевска-Дракулевска и Урошевиќ се добитници на традиционалните годишни награди

Блаже Миневски, Зоран Анчевски, Билјана С. Црвенковска, Лидија Капушевска-Дракулевска и академик Влада Урошевиќ се годинашни добитници на традиционалните годишни награди на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) за 2023, соопшти претседателот на ДПМ, Живко Грозданоски на денешната прес-конференција.

Миневски е добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга, за романот „Ако се родат некакви чувства“ , во издание на „Матица“. Наградата беше доделена од жири-комисијата во состав Гордана Јовиќ-Стојковска (претседателка), Оливера Ќорвезироска и Стефан Марковски (членови).

Анчевски е добитник на наградата „Ацо Шопов“ за најдобра збирка поезија за делото „Коњски житија“ од Зоран Анчевски, во издание на „Арс Ламина“. За наградата одлучуваше жири-комисијата во состав: Елена Пренџова (претседателка) и членовите Снежана Стојчевска и Зоран Јакимоски.

Добитник на наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади за 2023  делото „Земјата на заборавените сказни“ од Билјана С. Црвенковска, во издание на „Чудна шума“. Ова дело е напишано според идеја на пијанистот Симон Трпчески и  Црвенковска, а е илустрирано од Оливер Коларевски. За наградата „Ванчо Николески“ одлучуваше тричлена жири-комисија во состав: Сузана Мицева (претседателка), Наум Попески и Стево Симски.

Наградата „Димитар Митрев“ за 2023  ја добива книгата „Птици во аквариум: надреализам, 1924-2024“, од Капушевска-Дракулевска и академик Урошевиќ, во издание на „Полица“. Наградата „Димитар Митрев“ ја додели тричлената жири-комисија во состав: Иван Додовски (претседател), Соња Стојменска-Елзесер и Елизабета Бандиловска.

-Поради недоволен број пристигнати конкуренти (пристигнати се две дела, а потребно е да има најмалку три дела во конкуренција за која било од годишните награди на ДПМ да се додели), оваа година нема да биде доделена наградата „Мост“, со која се одликува дело напишано на јазик на некоја од националностите во Македонија“, кажа Грозданоски.

Наградите од писателската фела ќе бидат доделени на 18 септември, во 19 часот во Друштвото на писателите.

Претходна вестВозило излетало од патот Охрид-Ресен, тешко повредени возачот и сопатникот
Следна вестНа УКИМ започнува вториот уписен рок за прв циклус студии, останати се слободни места на речиси сите факултети