МЗ: Винора ДООЕЛ од Скопје ќе ја мести компресорската станица во Клиничкиот центар

Министерството за здравство денеска информира дека е донесена Одлука за избор на најповолна понуда на последниот тендер за компресорска станица во скопските клиники

Како што велат, избрана е понудата на понудувачот Винора ДООЕЛ Скопје.

-Договорот ќе биде потпишан во наредниот период, согласно законските рокови. Инсталацијата и монтажата на опремата треба да се изврши во рок од 4 (четири) месеци, сметано од денот на склучување на договорот, согласно објавените услови во тендерската документација и објавениот Оглас, додаваат од таму.

Ова беше единствената фирма која се пријавила на тендерот. Сега, клиниките треба да добијат нов систем за компримиран воздух по завршувањето на новогодишните празници.

Операционите сали во хируршките клиники со месеци работат со надворешни компресори, кои се преодно решение до поставувањето на новиот компресорски систем.

Драмата со системот на компримиран воздух на скопска хирургија трае од средината на мај, кога операционите сали беа затворени откако се појавила непозната миризба во салите. На почетокот на јуни, салите беа повторно отворени но не се користеше системот за компримиран воздух, туку надворешни компресори, а беа повикани и германски експерти.

Претходна вестОграбил продавница и оштетил полициска станица во Дебар
Следна вестПратениците го изгласаа Законот за заемот од 500 милиони евра од Унгарија