Ристовски по дебаклот на Динамо: Извинете, се надевам навивачите ќе ни простат

Екипата на Динамо Загреб го доживеа најтешкиот пораз во историјата на Лигата на шампионите, откако на гостувањето кај Баерн Минхен загуби со 9-2, што е првпат еден учесник во елитата да прими девет гола во најсилното натпреварување.

Стефан Ристовски беше особено разочаран по дебаклот. Тој е еден од најомилените играчи меѓу навивачите на Динамо, не само поради неговите играчки квалитети, туку и поради неговата борбеност и искреност.

-Најпрво би сакал да им се извинам на сите навивачи на Динамо, се надевам дека ќе ни простат и ќе бидат со нас. Не е лесно да се излезе пред новинарите и да се коментира по овој пораз. Мора да бидеме свесни дека не го претставуваме само Динамо, туку и хрватскиот фудбал.

Како соблекувална мора да се извлечеме и убеден сум во тоа. Динамо е голем клуб и клуб со голема историја. Сега е најлесно да се впери прстот кон некого и да се каже дека тој е виновен. Само заедно можеме да излеземе од оваа ситуација, рече десниот бек.

Натпреварот во Минхен беше доста чуден. Домашните фудбалери прво стигнаа до водство од 3-0, па откако Динамо за една минута постигна два гола и намали на 3-2, следуваше невиден „потоп“ и шест гола за половина час.

Претходна вестСДСМ: Тошковски и МВР конечно признаа вина кај Наим Рамука, мора законски да одговара
Следна вестПо поплаките на студентите Филозофскиот факултет ги укинува зголемените давачки, што ќе направат другите факулети?