Уставниот суд одлучи да поведе постапка и да отвори предмет за иницијативата со која се оспоруваат одредбите за правична етничка застапеност во институциите.
Постапката ќе опфати проверка на уставноста на Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Уредбата за задолжителни елементи на јавните тендери и Методологијата на планирање на вработувањето во јавниот сектор во согласност со принципот на адекватна и правична застапеност.
Одлуката е донесена по долга расправа меѓу уставните судии, кои имаа различни ставови. Во дискусиите против се изјаснија тројцата судии Осман Кадриу, Насер Ајдари и Фатмир Скендер.
Судијката Добрила Кацарска, пак, сметаше дека, наместо да се прифати иницијативата на ДКСК, треба да му се предложи на Собранието, да ја дорегулира одредбата за правична застапеност.
Претседателот на судот, Дарко Костадиновски, беше со став дека треба да се формира предмет, но не само да се укине одредбата за правична застапеност, туку да се разгледаат и сите акти каде таа е предвидена. Смета дека балансерот не е уставен и предизвикува дискриминација при вработувањето.
Со истиот став, со мали разлики беа и судијките Ана Павловска-Данева, Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска и Татјана Васиќ-Бозаџиева.
Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на „балансерот“ ја покрена Државната комисија заспречување на корупцијата. Оспорени се членовите во Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници, каде се употребен терминот „припадност на заедница“, како и Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавниот сектор.
Антикорупциската комисија во иницијативата наведува дека со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото. Со оспорениот дел „припадност на заедница“ подносителот смета дека се наметнува обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница, со што се прекршува уставното загарантирано право на слободно изразување на националната припадност.
-Припадноста е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо. Припадноста на заедница не е ниту општ ниту посебен услов за вработување на административни службеници пропишан со Законот за вработените во јавниот сектор, ниту со Законот за административни службеници, а во суштина е елиминирачки предуслов за пријавување на јавен оглас за вработување во јавниот сектор со што се нарушува начелото на стручност и компетентност утврдено во Законот за вработените во јавниот сектор, навела ДКСК во иницијативата до Уставниот суд.