Низа обвинувања за лична дискредитација, нарушен углед и омаловажување меѓусебно денеска си разменија претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева и судијата Лазар Нанев во рамките на расправата за утврдувањето на одговорноста на Нанев. Дамева поднесе нова иницијатива за утврдување на одговорноста на Нанев откако веќе постои иницијатива од минатата година за разрешување поради сомневање за соработка со обвинет кој подоцна му дал ослободителна пресуда.
Според Дамева, додека Нанев бил претседател на кавадаречкиот суд, недолично и несоодветно се однесувал со што го нарушил и угледот на Судскиот совет и на судсиката функција.
-Прво, на сериозно недоличичен и недостоен начин со намера да ме дискредитира, омаловажи и понижи како член на Судскиот совет во мојата работна средина, изнесе обвинувања за наводно мое незаконито постапување. Со вокабуларот, малициозен и дрзок, недоличен, тој ја загрози судиската функција. Второ, упати сериозни критики во врска со работата, односно постапување на друг член на Советот, кој одреден период беше координатор за следење на работата на Основниот суд Кавадарци. Трето, се обиде да наметне цензура и да спречи слободно одлучување во Судскиот совет, со намера да влијае врз постапувањето и одлучувањето на одредени членови на Советот. Ги упатува како во идни дискусии да се воздржуваат од тоа слободно да го кажат мислењето за него, и како да гласаат, ако не е во негова корист, кажа Дамева.
Судијата Нанев, пак, од своја страна, одговарајќи на наводите на Дамева рече дека нејзиното барање и аргументите во негова поткрепа таа ги изнела на крајно „нецивилизиран начин, со манипулации од позиција на сила, мајоризација, како и од позиција на диктатура“.
– Својата лична нетрпеливост и омразата која што со нејзиното доаѓање во Судскиотсовет е насочена кон мене и постојано ја изнесува, а се со цел моја лична дискретитација при конкурсите и обидите за мое унапредување што многу вешто во својот вординг го користи при образложување при донесувањето на одлуките дека се работи за несоодветна личност што беше потврда и при последниот избор за судии во Апелацискиот суд Скопје. Не можејќи истата да се соочи со реалноста, нетрпејќи успешни и напредни судии, но користејќи вешта манипација, на овој начин манипулира за некакви мои недоличности, незаконитости, нарушевање на некаков углед без да знае дека Основниот суд Кавадарци е најуспешниот суд воопшто во државата. Инаку, четири години лицето Љ.Г., прв братучед на Весна Дамева, секоијдевно три часа дневно, се заканува дека ќе изврши убиство, дека ќе ме лиши од живот мене, моите деца, мојата фамилја, за што ги трпам најголемите притисоци секојдневно во мојот живот, потенцира Нанев.
Конечната одлука за овој случај Судскиот совет ќе ја донесе на некоја од наредните седници која ќе биде дополнително закажана.