ТАВ изготвува план за развој на авиосообраќајот во Македонија за наредните 20-30 години

За ТАВ Македонија прифатливи се мерките на македонската влада за субвенционирање на нови авио-дестинации, беше кажано на средбата на македонските новинари со менаџментот на турската компанија ТАВ аеродроми во Анталија.

-За нас моделот за субвенционирање на летови на нови компании на нови дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром е сосема прифатливо. На оваа теме бевме на разговори со министерот за транспорт и врски пред да биде објавен моделот за субвенционирање и видовме дека кај државата има голем интерес да се зголеми бројот на патници во авиосообраќајот. Нашата проценка е дека овие субвенции ќе имаат голем ефект на зголемувањето на бројот на нови дестинации, оперирање на нови авиокомпании од скопскиот и охридскиот аеродром и зголемување на бројот на туристи во Македонија, изјави Неџат Курт, директор на ТАВ Македонија.

На средбата беше кажано дека мерката на македонската влада за субвенционирање на летови на нови дестинации веќе го привлече вниманието на повеќе авиокомпании кои пројавија интерес за летање од Скопје и од Охрид.

ТАВ Македонија инаку ја има концесијата за управување со Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Св. Павле во Охрид до 2032 година, но како што беше истакнато на прес конференцијата тие се спремни да работат и понатаму.

ТАВ Македонија во моментов работи на план за развој на авиосообраќајот во Македонија за наредните 20 до 30 години и веќе во октомври овој план ќе биде презентиран пред Владата. Се работи за план за зголемување на бројот на летови, зголемување на капацитетите на аеродромите, ефикасноста и можноста за железничко поврзување на аеродромот со Скопје.

-Изработката на мастер планот е многу важна за ТАВ Македонија и дека претставува значајна инвестиција. Очекуваме да се заврши до средината или до крајот на октомври  и кога ќе биде завршен и готов ќе го презентираме пред Владата, рече тој.

Бројот на патници превезени од двата македонски аеродроми во 2010 година беше 640.000, а лани 3,1 милион патници. Во ТАВ Македонија работат повеќе од 1.000 вработени, а досегашните инвестиции во зградата, во опрема, во полетната патека, во даноци, во вработениците, концесија, во субвенционирање на авиокомпаниите, во новиот систем за прием на багажот… изнесуваат повеќе од 310 милиони евра.

Турската компанија ТАВ аеродроми оперира во 8 земји со 15 аеродроми. Во регионот ТАВ ја има концесијата на аеродромот во Загреб, а во моментов се чекаат резултатите од тендерот за аеродромите во Тиват и Подгорица, Црна Гора. Лани на аеродромите на оваа компанија поминале 96 милиони патници.

Претходна вестНиколовски: ВМРО-ДПМНЕ манипулира, трошоците се однесуваат стриктно на посети од странски делегации
Следна вест77-годишник од тетовско превезувал патници без лиценца